Oдбележување на 30 Мај – Светски ден на Спортот

Учениците од ОУ „Гоце Делчев“ Демир Хисар заедно со децата од ЈОУДГ „2ри Септември„ Демир Хисар, учествуваа на одбележувањето на 30 Мај – Светски ден на Спортот. Светскиот ден на спортот се одбележува по иницијатива на организацијата TAFISA (Trim and Fitness Internation Sport for all Association)– Меѓународна асоција на движењето “Спорт за сите”. Учениците од нашето училиште овој ден го одбележаа во Спортската сала „Јордан Пиперката“ во Демир Хисар со пригодна спортска манифестација.

Посета на џамија во Кичево и манастирот Св. Богородица Пречиста

Според годишната програма на нашето училиште, беше планирана заедничка активност во рамките на МИО (меѓуетничка интеграција во образованието) проектот со партнер училишето од с. Смилево. Активноста беше планирана во текот на месец мај а се состоеше во посета на џамија во Кичево и манастирот Св. Богородица Пречиста близу Кичево, со цел да се избегнат бариерите меѓу нашите ученици, да се поттикни другарството и посветеноста без разлика на етничката припадност.
Од нашето училиште беа присутни 16 ученици и неколку наставници и во текот на активноста имаше предавање за двата објекти, како и ликовна работилница, на која учениците ги истакнаа своите ликовни способности и афинитети.

Одбележување на 9. Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

По повод 9. Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, Сојузот на борците и нивните поддржувачи и продолжувачи организираа повеќе активности за одбележување на овој значаен датум. За таа цел основните училишта во Демир Хисар беа посетена од тројцата живи учесници во НОБ од општина Демир Хисар. Училиштето „Гоце Делчев“ беше посетено од страна на Борис Мирчевски од с. Прибилци кој има 96 години и раскажуваше за искуствата, настаните и значењето на Народноослободителна борба. Учениците со внимание го слушаа гостинот и беа воодушевени од храброста на борците од НОБ.

 

Претстава „Природа или отпад“

На 22.04.2019 година, учениците од прво до петто одделение, во домот на културата ја гледаа претставата Природа или отпад. Прикажувањето на претставата се одржа премиерно во Демир Хисар по повод Денот на планетата Земја и е во организација на Меѓународен центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт – Гумно” од село Слоештица, со цел за развивање на еколошка свест и стекнување навики за сотрирање,рециклирање и компостирање кај најмладите.

 

Одбележан патрониот празник и јубилеј 70 години од постоењето на ОУ „Гоце Делчев“ Демир Хисар

На 03.05.2019 година во Петок, беше централниот настан по повод патрониот празник и 70 годишниот јубилеј на училиштето ОУ „Гоце Делчев“ од Демир Хисар. По тој повод организирани беа низа активности како: наградни литературни и ликовни конкурси, изложба на ликовни творби, издавање на училишниот весник „Бисери“, спортски натпревари меѓу учениците во мал фудбал и ракомет, како и фудбалски натпревар меѓу вработените, доделување на дипломи за постигнат солиден успех на ученичките натпревари и конкурси, положување на цвеќе пред Бистата на Патронот Гоце Делчев, одржување на богата културно-уметничка програма во Домот на културата “Илинден” – Демир Хисар за родителите на учениците и граѓаните на Општината Демир Хисар, како и свечен коктел во просториите на училиштето. 
На сите ученици и вработени им го честитаме Патрониот празник и јубилејот и им посакуваме многу успеси понатаму.

Државен натпревар по Иновации

Учениците од IX одделение:
1. Евгенија Грујевска
2. Дамјам Смуткоки
3. Елена Пирковска
4. Андреј Нешковски
5. Михаел Николовски
6. Јована Велевска
7. Николина Јовановска
Учествуваа на државниот натпревар по Иновации, организиран од страна на Здружението за умствен развој- Бреин Гинис – Куманово. Натпреварот се одржа во ООУ „Крсте Мисирков“ во Куманово на ден 06.04.2019 година (сабота) во 10 часот. Учениците имаа можност да ги покажат знаењата стекнати по наставниот предмет иновации, како и својата инвентивност и креативност, преку пронаоѓање на решенија на зададените задачи и проблеми. На натпреварот учествуваа голем број на ученици од цела Македонија.
Наставник Весна Николовска

Интервју со Горјан Петревски

На 3.4.2019 година учениците од ОУ „Гоце Делчев“ Демир Хисар имаа можност да се запознаат и да разговараат со писателот за детска литература Горјан Петревски. На оваа средба, ученичката од IX одделение Маја Велевска имаше можност да направи едно кратко интервју со писателот кој ги инспирира учениците за да продолжат да читаат книги, но исто така и да пишуваат и да ги надградуваат своите таленти и можности.

* Што Ве инспирира да го напишите вториот дел на книгата „Марта“ со наслов „Другата Марта“?

– Тоа го бараа читателите, но и самиот почувствував потреба да го продолжам романот. Ако во првиот дел Марта имаше недоразбирања со себеси, но и со мајка си, а знаат зошто оние што ја прочитале, во вториот, иако со постојаните, но и со додатните ликови, приказната е сосема нова. „Другата Марта“,  би рекол, е ода за животот, за вербата и среќата.Јас се залагам тоа и да биде!

* Дали Ви беше тешко пишувањето на заплетот?

– Не. Секоја книга со љубов ја пишувам. А заплетот во „Марта“ почнува уште со првата реченица: Мамо, кажи ми кој ми е татко?А сѐ што се случува потоа е трагање и разрешување на загатката. Упорноста на крајот се претвора во триумф и се случуваат големите расплети во приказната. 

* Дали Марта е реален лик, личност која навистина постои?

– Марта, всушност, е девојчето потпишано со „Несреќната Емона“ во писмото што го добив на 19 декември 1985 г. со печат од Ракотинци, крај Скопје. На проблемот одговорив во „Вљубената страница“ во „Наш свет“, рубрика која опстојуваше 36 години. Од неа имам сочувано околу 7.000, можеби и повеќе писма, во кои читателите ми испраќаа поетски и прозни текстови, но и интимни, семејни проблеми и недоразбирања. Многу од нив наоѓаа место во моите дела. Романот „Марта“ на 23 април оваа година, во НУУБ „Гоце Делчев“ во Штип, ќе одбележи 21-во издание и 30 години од објавувањето во 1989 г.  

* Дали би објавиле и трет дел на романот „Марта“?

– Со оглед на тоа што првото издание на „Другата Марта“ набрзо го снема, а тоа се случува и со второво, читателите на тоа ме обврзуваат. Ако вториот дел не го доживува успех, малку ќе се подзамислев и ќе подзастанев. Но тоа не се случува. Во третиот дел, Марта, Борко и другите ликови, ќе ги донесам во денешново време и веќе го имам концептот како ќе продолжи и како ќе заврши. Така приказната ќе стане трилогија.

* Какви замисли имате за Вашите идни дела?

– Имам повеќе нереализирани теми и приказни. Ќе се обидам да стигнам и да ги завршам. Ќе настојувам со новите наслови да не ги разочарам читателите кои, на моја среќа, ги имам.

* Дали во моментот работите на некое дело?

– Неодамна се појави книга со раскази „Пак се тука Петар и Лука“ за деца од предучилишна и раноучилишна возраст. Во текот на годинава ќе го објавам романот „Името ми е Вивиен Ли“, кој е работен според вистината на една тинејџерка и се случува сега, во ова време. Но истовремено го подготвувам за печат и романот за возрасни „Годишните времиња од Вивалди“.  

* Која е, главно, Вашата инспирација за романите за тинејџери?

– Инспирацијата е насекаде околу нас. Треба да се погледне околу себе и да се откртие. Инспирација ми се тинејџерите и нивните проблеми кои ги засегаат и возрасните. Сакам моите автентични приказни да допрат и до родителите.

Овојпат, на 2 април роденденот на големиот Андерсен и Денот на книгата за деца, во прекрасна организација на „Икарус“ кој го водат неколку млади наставници, во Домот на културата „Крсте Мисирков“, инспиративни ми бевте  учениците од двете училишта „Гоце Делчев“ (со подрачните одделенија во с. Суводол) и „Браќа Миладиновци“ во Жван. Како автор сум одушевен од интересот за „Другата Марта“. Ве напаѓаат дека, во ова компјутерско време се помалку се чита. Нема да се согласам и ќе ве прогласувам за „најчитачката генерација“ во мојот роден крај! Искрено, како писател и пријател, се гордеам со посетеноста на средбата и со такви читатели, но и со таков наставен кадар во двете училишта.

Разговараа ученици од IX одделение

при ООУ „Гоце Делчев“, Демир Хисар

ментор: Весна Николовска

Средба со писателот на литература за деца и млади Горјан Петревски

На 03.04.2019 година ОУ „Гоце Делчев“ Демир Хисар беше посетено од еден од најпознатите писатели на литература за деца и млади Горјан Петревски. Горјан Петеревски го посети ПУ с. Суводол каде што оствари средба со учениците кои разговараа со писателот и поставуваа прашања. Посетата беше овозможена од Здружението на граѓани за афирмација на културата и развој на руралниот туризам „Граѓанска Актива Икарус“ од Демир Хисар, во чија организација беше одржан дводневен детски литературен фестивал по повод Меѓународниот ден на литературата за деца и млади. На ОУ „Гоце Делчев“ Демир Хисар исто така му беше доделена благодарница за успешна соработка со здружението.
На 02.04.2019 година учениците од VI до IX одделение учествуваа на книжевна и едукативна работилница во Домот на културата „Илинден“ Демир Хисар, на која исто така гостин беше Горјан Петревски.

 

Натпревар за најдобар бизнис тим

На 29.03.2019 година (петок) со почеток во 10 часот, во просториите на приватното средно училиште САБА – Битола, се организираше натпревар за најдобар бизнис тим. Вкупно учествуваа 7 тимови од различни основни училишта од Битола и 1 тим учествуваше и од нашето училиште, составен од 4 члена – ученици од IX одделение. Натпреварувачите имаа можност да ги покажат своите знаења по предметот Иновации преку креативен пристап во неколку категории и тоа: – Тим билдинг – даден проблем и задачи кои бараат тимска работа, комуникација и заеднички одлуки; – Изработка на прототипен производ – име, слоган и рекламана истиот во ограничено време: – Презентација на сработеното пред жири – комисија. Наставник Весна Николовска