
На 3.4.2019 година учениците од ОУ „Гоце Делчев“ Демир Хисар имаа можност да се запознаат и да разговараат со писателот за детска литература Горјан Петревски. На оваа средба, ученичката од IX одделение Маја Велевска имаше можност да направи едно кратко интервју со писателот кој ги инспирира учениците за да продолжат да читаат книги, но исто така и да пишуваат и да ги надградуваат своите таленти и можности.
* Што Ве инспирира да го напишите вториот дел на книгата „Марта“ со наслов „Другата Марта“?
– Тоа го бараа читателите, но и самиот почувствував потреба да го продолжам романот. Ако во првиот дел Марта имаше недоразбирања со себеси, но и со мајка си, а знаат зошто оние што ја прочитале, во вториот, иако со постојаните, но и со додатните ликови, приказната е сосема нова. „Другата Марта“, би рекол, е ода за животот, за вербата и среќата.Јас се залагам тоа и да биде!
* Дали Ви беше тешко пишувањето на заплетот?
– Не. Секоја книга со љубов ја пишувам. А заплетот во „Марта“ почнува уште со првата реченица: Мамо, кажи ми кој ми е татко?А сѐ што се случува потоа е трагање и разрешување на загатката. Упорноста на крајот се претвора во триумф и се случуваат големите расплети во приказната.
* Дали Марта е реален лик, личност која навистина постои?
– Марта, всушност, е девојчето потпишано со „Несреќната Емона“ во писмото што го добив на 19 декември 1985 г. со печат од Ракотинци, крај Скопје. На проблемот одговорив во „Вљубената страница“ во „Наш свет“, рубрика која опстојуваше 36 години. Од неа имам сочувано околу 7.000, можеби и повеќе писма, во кои читателите ми испраќаа поетски и прозни текстови, но и интимни, семејни проблеми и недоразбирања. Многу од нив наоѓаа место во моите дела. Романот „Марта“ на 23 април оваа година, во НУУБ „Гоце Делчев“ во Штип, ќе одбележи 21-во издание и 30 години од објавувањето во 1989 г.
* Дали би објавиле и трет дел на романот „Марта“?
– Со оглед на тоа што првото издание на „Другата Марта“ набрзо го снема, а тоа се случува и со второво, читателите на тоа ме обврзуваат. Ако вториот дел не го доживува успех, малку ќе се подзамислев и ќе подзастанев. Но тоа не се случува. Во третиот дел, Марта, Борко и другите ликови, ќе ги донесам во денешново време и веќе го имам концептот како ќе продолжи и како ќе заврши. Така приказната ќе стане трилогија.
* Какви замисли имате за Вашите идни дела?
– Имам повеќе нереализирани теми и приказни. Ќе се обидам да стигнам и да ги завршам. Ќе настојувам со новите наслови да не ги разочарам читателите кои, на моја среќа, ги имам.
* Дали во моментот работите на некое дело?
– Неодамна се појави книга со раскази „Пак се тука Петар и Лука“ за деца од предучилишна и раноучилишна возраст. Во текот на годинава ќе го објавам романот „Името ми е Вивиен Ли“, кој е работен според вистината на една тинејџерка и се случува сега, во ова време. Но истовремено го подготвувам за печат и романот за возрасни „Годишните времиња од Вивалди“.
* Која е, главно, Вашата инспирација за романите за тинејџери?
– Инспирацијата е насекаде околу нас. Треба да се погледне околу себе и да се откртие. Инспирација ми се тинејџерите и нивните проблеми кои ги засегаат и возрасните. Сакам моите автентични приказни да допрат и до родителите.
Овојпат, на 2 април роденденот на големиот Андерсен и Денот на книгата за деца, во прекрасна организација на „Икарус“ кој го водат неколку млади наставници, во Домот на културата „Крсте Мисирков“, инспиративни ми бевте учениците од двете училишта „Гоце Делчев“ (со подрачните одделенија во с. Суводол) и „Браќа Миладиновци“ во Жван. Како автор сум одушевен од интересот за „Другата Марта“. Ве напаѓаат дека, во ова компјутерско време се помалку се чита. Нема да се согласам и ќе ве прогласувам за „најчитачката генерација“ во мојот роден крај! Искрено, како писател и пријател, се гордеам со посетеноста на средбата и со такви читатели, но и со таков наставен кадар во двете училишта.
Разговараа ученици од IX одделение
при ООУ „Гоце Делчев“, Демир Хисар
ментор: Весна Николовска