Насоки за постапување добиени од Министерство за образование и наука

Почитувани,
Согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за основното образование за време на вонредна состојба со дел. број 44-2445/1 од 23.03.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 76/2020) и Уредбата со законска сила за примена на Законот за средното образование за време на вонредна состојба со дел. број 44-2446/1 од 23.03.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 76/2020), Министерството за образование и наука, Ве известува за следното:
Уредбите за основното и средното образование се со законска сила за времетраење на вонредната состојба во Република Северна Македонија. Законот за основното образование и Законот за средното образование ќе се применуваат за времетраење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За реализација и организација на наставата во основните и средните училишта за времетраење на вонредната состојба се применуваат одредбите од уредбите со законска сила дадени во прилог.
Наставата во основните и средните училишта се организира преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација. Средствата за електронска комуникација обезбедуваат реализација на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес и кои овозможуваат взаемна двонасочна комуникација.
Средствата за електронска комуникација можат да бидат видеоконференциски платформи, електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци.
За употребата на видот на средствата за електронска комуникација, одлука донесуваат основните, односно средните училишта.

Едукативните алатки кои може да ги користите во Вашите училишта, а се одобрени/предложени од страна на Владата се:

Microsoft Teams платформа која овозможува споделување на документи, презентации помеѓу наставниците и ученици и служи како алатка за подобра комуникација со сите вработени во училиштето.
Google Classroom е алатка за е-училница. Бесплатна веб- услуга, развиена за училиштата, која ви овозможува да подготвите, предавате, Оценувате, следите и анализирате. Со користењето на оваа алатка се поедноставува работењето на далечина, вклучувајќи ги дополнителните алатки за прикачување на документи, презентации и тестови (Google Drive, Google Docs, Google Calendar).
Google Drive претставува бесплатен виртуелен простор кај што ќе може да ги прикачите и зачувате сите ваши папки со документи, тестови, распореди, презентации. Дополнително е олеснително што конкретни папки може да ги споделувате со наставниците/ учениците во зависност од вашите потреби.
Edmodо претставува комуникациска, едукативна алатка за учениците и наставниците. Едукативната платформа овозможува комуникација и размена на содржини помеѓу наставниците и учениците. Оваа платформа на наставниците им овозможува лесно и едноставно креирање на тестови и Квизови. Дополнително и корисно е тоа што оваа платформа овозможува и вклучување на родителите

Основните и средните училишта покрај предложените едукативни алатки можат да користат и други средства за електронска комуникација кои ќе обезбедат реализација на наставата без заедничко  физичко присуство на учесниците во наставниот процес и кои овозможуваат взаемна двонасочна комуникација. 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *