Што е КОВИД-19?
КОВИД-19 е заболување предизвикано од SARS-CoV-2 , вирус од фамилијата Коронавирус, првично откриен во Кина во декември 2019 година. Вирусот е причинител на акутно вирусно респираторно заболување. Преносот од човек на човек е можен, преку допир и преку капков пат (кивање, кашлање и слично).
Првичните искуства покажуваат дека постарите лица и хронично болните се изложени на поголем мризик од компликации и тешки форми на заболувањето. Периодот на инкубација на вирусот е најмногу 14 дена, во кој заразените лица не покажуваат симптоми, но можат да го пренесат вирусот на други лица.
Сите патници кои доаѓаат од земјите со висок и среден ризик треба да се задржат во само-изолација од 14 дена во нивниот дом и да пријават на надлежните доколку почувствуваат симптоми.
Кои се симптомите на заболувањето со КОВИД-19?

Првичните симптоми кои се јавуваат кај лицата заразени со вирусот КОВИД-19 се:
- Треска и висока температура;
- Тешка кашлица;
- Отежнато дишење.
Болеста може да предизвика сериозни компликации кои може да ја нарушат функцијата на:
- органите за дишење;
- кардиоваскуларниот систем;
- на бубрезите.
Болеста може да варира од лесна до тешка форма, со можни фатални последици.
Лекувањето на заболените е палијативно и симптоматско.
Во овој момент не е достапна антивирусна терапија, ниту пак вакцина за превенција од заболување со КОВИД-19.
Како да се заштитите од заболувањето со КОВИД-19?
- Мијте ги рацете често, користејќи сапун и вода, подолго од 1 минута, внимавајќи да ги опфатите сите делови од дланката и прстите.
- Избегнувајте близок контакт со болни лица или лица кои се вратиле од патување од земја со висок или среден ризик.
- Користете средства за дезинфекција или алкохолни марамчиња.
- При кашлање или кивање покријте ги носот и устата со марамче за еднократна употреба и веднаш потоа фрлете го на безбедно место. Доколку немате марамче, покријте ги носот и устата со рака свиткана во лактот.
- Следете ги препораките на Министерството за здравство и редовно информирајте се од надлежните институции за најновите вести и насоки.
Што доколку се сомневате дека сте заболени од КОВИД-19?
Според препораките и протоколите на Комисијата за заразни болести, сите патници, кои пристигнуваат од ризичните региони, како и тие кои се во самоизолација, веднаш штом почувствуваат какви било симптоми, карактеристични за КОВИД-19 треба да се јават на телефоните за контакт при епидемиолошките служби, кои се достапни за територијата на целата држава.
Мерките се воведени од самиот почеток и се препорачува секој граѓанин да ги следи овие препораки, кои укажуваат да не се оди на матичен лекар за да се избегнат ситуации во кои тие се ставаат во директен контакт и ризик со можно заболени пациенти.
| ИЈЗ Скопје | 078 387 194 |
| ЗД Скопје – Ало докторе | 02 15 123 |
| ЦЈЗ Скопје | 071 289 614 |
| ЦЈЗ Битола | 071 261 330 |
| ЦЈЗ Тетово | 075 240 464 |
| ЦЈЗ Штип | 078 365 613 |
| ЦЈЗ Велес | 071 219 278 |
| ЦЈЗ Кочани | 071 373 913 |
| ЦЈЗ Куманово | 070 215 851 |
| ЦЈЗ Охрид | 070 723 029 |
| ЦЈЗ Прилеп | 076 475 747 |
| ЦЈЗ Струмица | 072 235 543 |
| ПЕ Гостивар | 076 365 161 |
| ПЕ Гевгелија | 078 545 444 |
Како до правилна домашна само-изолација?
- Останете дома, освен во случај на итност. Доколку имате можност, работете од дома.
- Одделете се од останатите во различни простории. Редовно проветрувајте ги просториите.
- Доколку имате на располагање, користете посебен тоалет/бања. Во спротивно редовно дезинфицирајте го оној кој сите го користат.
- Избегнувајте заедничко користење предмети за домаќинство како крпи за раце, постелнина, чаши, прибор за јадење.
- Доколку нарачувате храна/продукти преку достава, друг член на домаќинството да ги превзема, избегнете контакт со доставувачот.
- Бидете на безбедно растојание со другите помеѓу 1 и 2 метри.
- Чистете ги површините во домот коишто најчесто ги користите.
- Следете ги препораките за превенција од здравствените установи.
Доколку чувствувате исти или слични симптоми на грип, не посетувајте доктор, туку јавете се во центрите за јавно здравје
Што доколку патувате во и од земјите со висок и среден степен на ризик?
Доколку треба да патувате во некоја од земјите кои се на листата на земји заведена со висок или среден степен на ризик, се препорачува да го одложите вашето патување, освен доколку станува збор за патување поврзано со медицински цели.
Доколку патувате од некоја од овие земји, задолжително мора да пријавите на граничната полиција дека патувате од таква земја и да започнете со период на домашна само-изолација во период од 14 дена.
Доколку во моментов се наоѓате во некоја од наведените земји препорачуваме зголемени мерки на претпазливост во секое време, да се следат локалните медиуми и упатствата на локалните власти. Повеќе информации може да се добијат на travel.mfa.gov.mk.
За подетални информации околу развојот на состојбите во Италија, македонските граѓани можат да го контактираат нашиот Генерален конзулат во Венеција на + 39 389 5837913 или venice@mfa.gov.mk.
Мерки на Владата за спречување на ширењето на КОВИД-19
- Да се заострат мерките и активностите за превенција од ширење на корона вирусот.
- Да се прекине со воспитно – образовниот процес и наставата во сите детски градинки, основни и средни училишта и високо – образовни установи и во јавните научни институти на територијата на Република Северна Македонија, во наредните 14 дена. Се прекинуваат и сите воншколски или дополнителни програми како што се курсеви за странски јазици и слично.
- За спроведување на оваа мерка еден од родителите на децата до 10 години, што ќе бидат ослободени од обврската да одат во градинките или да ја следат наставата, ќе бидат ослободени и од обврската да ги извршуваат работните обврски.
- Да се забранат масовни собири и настани на отворен и затворен простор, како и сите културни настани и манифестации на територијата на Република Северна Македонија, со над 1000 учесници, во наредните 14 дена. Владата препорачува неодржување на јавни настани на кои се очекува присуство до 1000 учесници.
- Да се забрани присуство на гледачи (публика) на сите спортски настани на територијата на Република Северна Македонија, во наредните 30 дена.
- Да се воведе задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средно ризичните држави, во период од 14 дена (согласно листата на Светската здравствена организација).
- Да се забрани извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од Република Северна Македонија, освен со посебна дозвола која ја издава Министерство за здравство.
- Да се препорача на возрасните и високоризичните категории на граѓани со хронични болести да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз.
- Да се препорача избегнување на патување во земји кои се од висок и среден ризик, согласно листата од Светската здравствена организација.
- Државната изборна комисија да ги ослободи од понатамошно учество во изборниот процес вработените од јавните здравствени установи и да бидат заменети со други лица.
- Физичките и правните лица што не ги почитуваат и кои ги прекршуваа препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.
- Да се воведе health locator карта за сите летови и сите авиокомпании, односно образец кој ќе го пополнуваат патниците со податоци за полесно контактирање доколку за тоа се укаже потреба.
- Да се забрани организиран меѓународен автобуски превоз (автобус, комбе, минибус и сл.) кон високо ризичните земји, како и од тие земји кон Република Северна Македонија.
- Да се зајакне присуството на волонтерите од Црвениот крст на Република Северна Македонија, во соработка со Министерството за здравство, на сите гранични премини.
- Целосно да се почитуваат мерките за превенција од оваа болест, упатени од Министерството за здравство кои се однесуваат на засилени хигиенски мерки.
- Да се упати заклучок и препорака од страна на Владата на Република Северна Македонија до сите органи на државната управа и до едниците на локалната самоуправа за времен прекин од работни обврски (не одење на работно место и да останат во своите домови) за бремените жени и хроничните болни лица.
- Сите јавни претпријатија и приватни компании што вршат јавен превоз на патници да вршат редовна дезинфекција на превозните средства.
- Владата им препорачува на сите владини и државни институции, како и на јавните претпријатија да ги откажат сите патувања или да ги организираат предвидените состаноци преку интернет комуникацијата.
- Се задолжуваат сите владини и државни институции, како и јавните претпријатија да воведат мерки за заштита и за дезинфекција во сите државни институции на влезовите во институциите. Оваа мерка Владата им ја препорачува и на компаниите од реалниот сектор.Преземете ги мерките и заклучоците од 15-тата Седница на Владата тука.
.